Рамбо Амадеус: Ако гледате шунд, не очекувајте децата да ви завршат на Сорбона (ВИДЕО)

Сите родители знаат што е добро за нивните деца. Сепак, деновиве во регионот има полемика околу зборовите на Рамбо Амадеус, кои се сосема логични.

„Ако децата ве гледаат како блеете во телевизорот и гледате шунд содржина, немојте да очекувате да завршат на „Сорбона“ – рече музичарот Рамбо Амадеус, кој е амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ.

Тој ова го истакна на трибина одржана по повод кампањата за медиумска писменост наречена „Да бидеме тоа што гледаме“.

– Главната задача на родителите, пред сѐ, е да ги запознаат децата со квалитетот – кој било квалитет. Да им покажат на децата каде се наоѓа тој квалитет, како се препознава, како се користи, бидејќи детето кога еднаш ќе се запознае со квалитет од која било област, по автоматизам го изострува својот критериум – додаде Рамбо.

Музичарот смета и дека кога детето ќе се запознае со некој квалитет, тогаш, со изострен критериум, ќе му биде помалку интересно да се занимава со нешто што е помалку квалитетно, заглупувачко или штетно.

Антоније Пушиќ (вистинското име на Рамбо Амадеус) има и сопствен пример.

– Така, јас моите деца ги научив да јадат суво овчо месо, а тие потоа не сакаа веќе да јадат паризер бидејќи им е лош во споредба со овчото. Исто така, ако еднаш им пуштиш џез или фанки или некоја квалитетна музика, тие потоа нема да се изложуваат на примитивна содржина. Кога ќе им пуштиш одличен филм на телевизија, тие потоа нема да ги гледаат оние беспризорни елементи по реалните шоуа, кои покажуваат една ужасна човечка деградација – истакна Пушиќ.