Секој ден овој православен свештеник се качува бос на висина од 250 метри за да ја посети црквата! (ВИДЕО)

Секој ден, етиопискиот православен свештеник Хајлеселасиј Касеј пешачи два часа, а потоа се искачува низ опасна карпа за да стигне до малата црква Абуна Јемата Гух која што е изградена во самата карпа.

Станува збор за црква на северот од Етиопија која се наоѓа во карпа, а нејзините сводови се прекриени со прекрасни фрески. Се наоѓа на висина од 250 метри и до црквата може да се стигне само пешки – еден дел од патот е практично вертикално искачување низ карпа.

Ја изградил Абун Јемата, еден од деветте етиописки светци кои од Сирија и Европа пристигнале во Етиопија да го шират Христијанството во 5-тиот век. И додека некои тврдат дека локацијата ја избрал за да биде поблиску до небото, многумина сметаат дека црквата е изградена високо во карпите за да биде заштитена од непријателите.

Посебно внимание привлекуваат фреските на ѕидовите. Сите се оригинални и совршено сочувани благодарение на топлото време без влага кое владее во регионот.

„Не се плашам додека се качувам затоа што тоа го правам секој ден. Многу е тешко, но изводливо. Секое утро се будам многу рано. Потоа работам дома до 6 наутро, па тргнувам кон црквата. Кога излегувам од дома многу сум среќен што одам таму, срцето ми се исполнува“, вели свештеникот кој два часа пешачи само до подножјето на црквата, а потоа се качува и времето го поминува во читање на стари книги.

„Овде е многу тивко и мирно, нема многу луѓе со кои можете да зборувате. Комуницирате со Господ и тогаш вашиот ум се ослободува. Една од причините поради која станав свештеник е тоа што сакам да им го пренесам на луѓето тоа што го научив, за да можат да тргнат по моите стапки“, раскажува свештеникот.