Сите мислеа дека е мртов, а тој најавува одмазда: Прво видео од водачот на Исламска држава

Предводникот на терористичката група Исламска држава, Абу Бакр ал Багдади, се појави во видое снимка, за која се претпоставува дека е од неодамна, со што се подгреваат шпекулациите дека тој не е убиен, како што претходно се претпоставуваше.

Видеото го објави „СИТЕ Интелиџенс Груп“, тинк тенк од Вашингтон ангажиран во анализи и истражувачка работа на џихадистите и екстремните десничарски или левичарски активности на интернет.

Раководителката  на „СИТЕ“ Рита Кац  на Твитер објави дека ал Багдади во видеото е придружен од соборци, чии лица се замаглени и говори за војната против „крстоносците“. Дискутира дека битката за Ал Багуз Фокани (населено место по кое коалицијата предводена од САД во јануари изврши воздушни удари) е завршена.

Во одделен сегмент од видеото Ал Багдади говори за нападите во Шри Ланка за време на католички Велигден. Тоа укажува дека видеото било снимено неодамна.

Најбараниот терорист во светот вели дека групата “ќе се одмазди за убиствата и притворањето на нивните борци”.

Ова се први кадри со Ал Багдади после молитвата во Мосул во јули 2014 година. Оттогаш повеќепати се шпекулираше дека тој е елиминиран, но немаше потврда за тоа.