Специјалци упаднале во клиниката на пеколот: Им ги ваделе органите на сиромашните и ги продавале на Запад

Косовската полиција уапси пет лица поради сомнение дека во нелегална клиника во близина на Приштина тргувале со човечки органи и вршеле незаконски пресадувања.

Во акцијата во вторникот, косовската полиција уапси пет лица поради сомнение дека во нелегална клиника во близина на Приштина, тргувале со човечки органи. Како што пренесуваат тамошните медиуми, специјалците меѓу другото, во клиниката пронашле здравствени картони на седмина пациенти и друга медицинска документација.

„Има индиции дека луѓето поврзани со оваа клиника врбувале сиромашни Срби и лица кои не биле Албанци и биле посредници во продажбата на нивните органи на богати клиенти, односно пациенти од Западот“, откриле извори за српски „Курир“.

Во клиниката биле извршени најмалку седум трансплантации, но постои сомнение дека таа бројка била поголема затоа што документацијата била уништувана. Косовската полиција сега истражува кои биле купувачите и кои ги продавале органите.

Ова е инаку втор таков случај на Косово во последните неколку години. Пред неколку месеци двајца Албанци од околината на Приштина беа осудени на затворски казни откако судот утврди дека учествувале во илегално пресадување на 23 бубрези.

Приштинскиот уролог Љуфтија Дервишај беше осуден на седум и пол години затвор и парична казна од 8 илјади евра, а Сокој Хајдини на една година затвор. Во тој случај поврзан со клиниката „Медикус“, купувачите на органи во некои случаеви биле од Израел. Операцијата и бубрегот чинеле од 80 до 100 илјади евра.