Животот беше и остана шведска маса, а човекот единственото животно што не го разбира поимот „доволно“

Постојано во колумниве ми се провлекува понекој идеолошки поим, иако сакам да пишувам за потрага по луѓе, во Диогенова смисла. Пред некоја колумна го спомнав комунизмот. Напишав дека поголемо зло од него бил нацизмот, а уште поголемо од двете – денешниов (нео)либерален капитализам, насочен кон бришење на локалното и негово глобализирање: тоа е „голтање“ во буквална смисла, баш како што волкот ги голтна Црвенкапа и Бабата. Него не може ништо да го запре. И тој, како и нацизмот и комунизмот, јури кон сопствената пропаст: толку е лаком, што самиот ќе се проголта. Мудрите велат: лакомоста завршува во сопствената уста: се голта сама себеси.
Напишав уште дека комунизмот никогаш нема да победи: нека не се плашат либералните капиталисти од негово повампирување, особено на Балканот, иако Балканот е традиционално место на вампири, вопери, дракули и други тератолошки суштества „од оној свет“. Но не одговорив зошто комунизмот никогаш нема да победи.
Поради Швеѓаните. Тие, а не САД (како што обично се мисли) се виновни (или заслужни, кој како гледа) за распадот на Титова Југославија (СФРЈ), за распадот на СССР, за падот не целиот „источен лагер“. Куршум не истрелаа Швеѓаните, ѓуле не фрлија, а целиот социјалистички свет (речиси половина планета) го клекнаа на колена. Како?

Не сум гастроном, ама добро знам дека шведската маса потекнува од 14 век, замислена како мало масиче со повеќе мезиња (со задолжително студено солено месо, лосос, путер и сирење), а дека од 17 век тоа мало масиче „за мезе“ станува – голема маса за главен оброк. Од Олимписките игри во 1912 година, таа станува хотелски стандард. Денес, тоа е хотелски оброк (најчесто појадок) од изобилно многу јадења. И (што е најважно) – нема ограничување на количеството храна со кое се самопослужуваш. Ова последново го уништи комунизмот, а ќе го уништи и современиот либерален капитализам.

Кога како гимназијалци, по предметот Марксизам и самоуправување, нè учеа дека социјализмот е само премин („транзиција“) кон комунизам, редовно ни велеа дека кога ќе дојде комунизмот, парите ќе се укинат. Зошто? Затоа што секој ќе работи КОЛКУ МОЖЕ (чесно и до последен здив), а ќе зема (веројатно од „Веро“ или од некој современ салон на автомобили) САМО ОНА И САМО КОЛКУ ШТО МУ ТРЕБА. Се сеќавам дека бев воодушевен од таа утописка животна филозофија – имаше во таа марксистичка парола нешто како саможртвување од книгите на Рене Жирар. Замислете си: бели мугри, работник се мие во дворот, на чешма гол до половина, со студена вода, ама пее од среќа. Потоа, озарен оди во фабрика, за да ги надмине ударнички сите норми, додека ‘рбетот не му пукне од работа: да речеме, произвел илјада конзерви со „месен нарезок“. И пред да појде дома, среќно изморен од она што го произвел, зема САМО КОЛКУ ШТО МУ ТРЕБА, за себе, за жената и за двете деца. На пример, две конзерви „месен нарезок“, зашто за секого од семејството е доволно по половина за вечера. Нема потреба од цела конзерва по човек.

Убав е тој идиличен, утописки хронотоп, ама во практиката, во онаа СФРЈ, а и денес, во добата на либералниот капитализам, животот беше и остана шведска маса, а човекот единственото животно што не го разбира поимот „доволно“. Застанете во хотел и набљудувајте: еден на десет луѓе се послужува од шведската маса само со она што му треба. Девет од десетмина трупаат во чинијата повеќе одошто им треба. И потоа им останува и потоа угостителите фрлаат храна. Кучињата барем го закопуваат вишокот и го чуваат за другпат.

Она што е ниско во целата работа е лакомоста на оние деветмина, нивната стрв да се земе повеќе од потребното, придружена со примитивен страв дека „ќе нема, другите ќе земат исто повеќе“. Она што е возвишено во целата работа е оној „еден на десет“, кој зема само онолку колку што му треба. Не станува збор за комунист, марксист или ленинист: станува збор за здрава и мудра личност. Мудроста веќе одамна многумина филозофи не ја дефинираат како знаење, туку како ОСЛОБОДУВАЊЕ од сè што е непотребно и задржување само на неопходното. Да се живее само со неопходното, впрочем, е највисоко морално начело и во религиите. На вистинските верници (без разлика од која вера се и што работат), скромноста им е прв идеал: на еден бизнисмен-верник не му требаат 365 кошули во годината, туку две; ќе ја носи едната додека другата е на перење. На еден интелектуалец не му е потребна библиотека од 10.000 книги со кои ги кити (во фусноти) своите научни дела како новогодишна елка, туку десетина (ама навистина) прочитани книги од струката. И онака, според статистиката, за цел (и тоа долг) живот не можеш да прочиташ повеќе од два чекора (еден метар) книги наредени во вертикалните полици на Библиотеката во Вашингтон. Либералните капиталисти, со тоа што ја прогонија целосно државата од стопанството, па приватизираа сè, од рудници до болници, лудници, затвори и гробишта, очигледно се однесуваат како гладни години на шведска маса. И тие не можат да потрошат повеќе од два чекора (еден метар) злато од нивните сефови, за цел живот, и со сето семејство. Ама собираат уште. Синдром на шведска маса.

Заклучок? Лакомоста пред секое материјално изобилство е пример за клучен недостиг: недостиг од свест за тоа колку ни е доволно. Недостиг од мудрост е тоа, зашто мудроста е скромност. Пијаниците со она нивно „ајде само уште по една“ се најневините во тој светски „поредок на шведската маса“, зашто вишокот ќе го изблујат кога ќе им се слоши и ќе го платат со мамурлак. Тешко дека некој негде видел капиталист што блуе пари, зашто му се лоши од нив. Веројатно затоа народот со векови се прашува зошто многумина богати луѓе станале, ако не мудри, тогаш барем попаметни дружејќи се со мудреци, а ниеден мудрец не станал побогат дружејќи се со богати. Затоа што богатиот граба и на шведската маса на знаењето, а мудриот и на шведската маса на дијамантите зема само колку што му треба. Толку.

Венко Андоновски за Нова Македонија