Софија Куновски: Посветено на сите Мири, Тањи, Кираци, Милевки и слични

Збор-два за функционерите и роднините,

(посветено на сите Мири, Тањи, Кираци, Милевки и слични)

Неколку важни заклучоци произлегуваат од поведението на актуелните функционери, кога станува збор за вработувањата на своите блиски роднини:

1. Вие никогаш не сте биле социјалдемократи. Вие секогаш сте биле и сте останале клиентелисти. Неуки и неспособни, со ништо не сте заслужиле да сте таму каде што сте. Затоа ова е вашата единствена шанса.

2. Вие никогаш не сте верувале во социјалдемократските вредности кои треба да донесат добро за сите граѓани. Вашата мисија е да земете а не да дадете нешто на својата земја. Никогаш не ја разбравте честа да и служиш на својата држава.

3. Вие секогаш ќе ги ставите своите роднини пред способните партиски другари или умни млади луѓе кои вистински чесно и пожртвувано се борат за поинакво општество

4. Вие покажувате дека се пакувате и дека имате уште многу, многу малку време за да ги спастрите своите блиски

5. Пораката од вашето поведение е дека ни самите не верувате во капацитетот на сопствената гарнитура дека е способна да продуцира работни места надвор од владината администрација, што е оценка НЕДОВОЛЕН (1) од вас за вашата влада. Затоа шансата за своите ја гледате исклучиво во редовите на администрацијата.

6. Вие сте помирени со тоа дека еднократно ќе се занимавате со политика, зграбувајќи што можете за себе и затоа не се ни браните за своите постапки во јавноста. Си молчите и си терате.

7. СДСМ е многу повеќе од вашите мали, ефтини, животчиња и интереси.

8. Злоупотребувајќи го СДСМ, вие ги излажавте и ги разочаравте реката студенти и граѓани кои со години чекореа протестирајќи против ваквите како вас, пред вас, ротирајќи ги нивните со вашите. Но, има и тоа многу, и умни и чесни социјалдемократи кои ќе го вратат и угледот и смисолот а и местото кое навистина СДСМ го заслужува.