Руски сателит забележа таинствени светлосни „експлозии“ во Земјината атмосфера

Ултравиолетен телескоп поставен во 2016 година на рускиот сателит Ломоносов забележа силни светлосни експлозии во атмосферата на Земјата. Руските научници сè уште немаат објаснување за природата на овие експлозии.

„Со помош на телескопот успеавме да добиеме позначајни резултати од очекуваното. Изгледа дека наидовме на нови физички појави. Засега не знаеме каква е нивната физичка природа. На пример, за време на летот на Ломоносов на висина од неколку десетина километри неколку пати забележавме светлосна експлозија од огромна јачина. Под неа сè беше чисто, без никакви молњи и облаци. Останува прашањето што ја предизвика експлозијата“, вели Михаил Панасјук, директор на Институтот за истражување нуклеарна физика на Московскиот државен универзитет.

Тој вели дека целата Земјина атмосфера сјае од изливи на ултравиолетово зрачење.

Инаку, Ломоносов ги проучува краткотрајните светлосни појави како одблесоци во горниот дел на Земјината атмосфера, но и карактеристиките на зрачењето на Земјината магнетосфера. Опремен е со вселенски телескоп за мерење на енергетски спектар и инструменти за истражување на космичко гама зрачење.