Нема живот на Косово: 40.000 граѓани ќе заминат во Германија

Многу косовски граѓани ќе заминат од земјата во потрага по егзистенција.

Масовното напуштање на Косово покажува дека во последните две години ништо не е направено на економски план поради што голем дел од луѓето не сакаат да останат и да обезбедат егзистенција на Косово, пишува порталот „Индекс онлајн“.

Според пишувањето на овој портал скоро 40.000 луѓе во овој момент чека одговор од амбасадата на Германија на барање за добивање на виза, за што побрзо да го напуштат Косово. Тој број се однесува само на оние кои веќе имаат обезбедено работно место, но има и такви кои би отишле, но не успеале да се снајдат.

За виза во германската амбасада чекаат луѓе кои барањата ги поднеле уште во 2017 година, пишува порталот. Од извори во германската амбасада се дознава дека на повеќето барања за виза ќе биде одговорено позитивно, особено на оние кои имале договори со сериозни компании во развиените европски земји.

Многумина сметаат дека ова се случува бидејќи Косово уште нема добиено визна либерализација, па жителите масовно трагаат по подобар живот во западните земји.

Во 2015 година медиумите пишуваа дека 10% од населението го напуштило Косово.

120.000 луѓе мигрирале во Западна Европа само во тој период.