Филипче повторно хирург: За првпат во Македонија, изваден тромб кај пациент со мозочен удар

Првпат во Македонија вчера е извршена механичка тромбектомија кај 70 годишен пациент, кој доживеал мозочен удар. Станува збор за многу сериозен и сложен зафат на мозокот, каде се случил ударот, предизвикан од тромб – згрутчување на крвта – соопшти Министерството за здравство.

Во тимот кој ја извршил интервенцијата е и првиот лекар во земјата, министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, инаку неврохирург, заедно со колегите  неврохирурзи, невролози, радиолози и анестезиолози.

-Пациентот е спасен од сигурна смрт. Тимот доктори, кои првпат досега во нашата држава го извршија овој успешен зафат го сочинуваат: доц. д-р Венко Филипче, д-р Менка Лазаревска, д-р Вјолца Алији и д-р Петар Јаневски, невролозите д-р Јасна Петреска, д-р Ана Донева и д-р Драгана Цветковска, како и анестезиолозите д-р Јасна Бушиновска и д-р Ида Теменугова – појаснија надлежните.

Министерот Филипче изјави дека досега во Македонија не е извршен ваков зафат.

– Станува збор за многу сложена и тешка операција на крвните садови во мозокот. Операцијата е направена само на неколку часа од ударот, успеавме да го извадиме тромбот и да го спасиме пациентот. Овие таканаречени „удари“ често се фатални за пациентите. Со оваа интервенција, која првпат се примени во Македонија, застанавме рамо до рамо со светските медицински центри – вели Филипче.

Ендоваскуларните процедури се интервенции кои се вршат преку артериски или венски крвни садови, без отварање на черепот. На овој начин во светот се решаваат и честите мозочни аневризми. Во економски развиените земји во светот со ендоваскуларниот третман се згрижуваат дури 90 oтсто од аневризмите, а во соседна Србија, на пример, околу 50 отсто.