„Никола Груевски ни се јави од Будимпешта – Елитните единици на Оливер Спасовски, на кои две овци врзани да им дадеш ќе ги изгубат да одморат“

Ете. Заврши потерата. Со чардаш, другарки и другари! Осуденикот Никола Груевски ни се јави од Будимпешта. Да нѐ заебава. Заслужено. Оти за заебавање сме. Сите.

Замислете, ни се јави со пост на Фејсбук. О, каква фантастична потврда на тезата на владините пи-ар јуноши дека нема повлијателен медиум од социјалните мрежи! Да им верувавме на дечурлаанава, можевме да организираме апсење преку Фејсбук. Оглас, буст, комерцијална нарачка, фри шипинг и оп – ете ти го Грујо спакуван во пошта два. Како бе не ни текна?

Ни се јави бившиот премиер и актуелен осуденик да ни каже дека киднал. Дека бара политички азил. Дека не нѐ ебе два посто! И да ни каже дека веќе не мора да глумиме потера. Елитните единици на Оливер Спасовски, на кои две овци врзани да им дадеш ќе ги изгубат, да одморат од шетање по ходници и од тропање по врати. Локалните истражувачки новинари и кандидати за Пулицер да ги изгасат камерите и да се опијанат од големо разочарување.

Ни се јави Груевски да ни каже дека се остварија нашите најцрни претпоставки. Тие кои покажуваат дека Македонија сѐ уште не е држава во која владее правото. Дека правдата не живее овде. Дека ова беше, е и најверојатно ќе си остане параспур држава.

Ни се јави уште еднаш да нѐ понижи сите. А веројатно најмногу своите осомничени и обвинети сопартијци, кои лежат и допрва ќе лежат во Шутка, додека тој ќе си го прчи, дал кај Орбан другарчето, дал на некоја друга егзотична дестинација, еписибир.
Браво комшија, секоја чест!

Сега, ако ништо друго, комшијата мој има слободен пристап до кешот. А тоа е најважното. Уби кеш уби патриа. Е не, ќе дошол во Шутка и ќе избирал келија со шоља или со чучавец. Какви будали сме ние! „Шутка не ти бега, Никола!“ А? Така се деревме? Г…. јадевме, другарки и другари, г….! Не бе гомна. Гулаш.

Ме прашаа на телевизија како успеал да избега. Од каде да знам јас? Знаат тие што го организираа бегството. Или тие што го пуштија да избега. Нив нека си ги прашаат. Претпоставувам, не бива таа работа без кеш. Многу, многу кеш. А Груевски е подвижен банкомат. Грујош Серекеш! Што е тука нејасно?

Сето ова е дел од филмот, велат некои, во кој ние играме според прецизно сценарио. Но, филмот се снима на тој начин што никој однапред не ги знае дејствието и репликите – пред снимањето на секоја сцена, на нас, глумците, споредни и главни, ни се кажува што треба да направиме и што да кажеме, но никој од нас не знае што ќе се случува во следната сцена што ќе се снима. Затоа и не ги разбираме веќе снимените сцени. Сето тоа го знаат само сценаристот, режисерот и продуцентот. Кои не се од Македонија, нормално.

Кој знае… Може и да е така, а може и да не е. Како и да е, јасно е дека од овде до Пешта не се стасува како од овде до Стамбол, со попатно прашување. Знаете, како во онаа – по пат одам, за пат прашам… Ние навистина сме параспури во секоја смисла на зборот, но вакво бегство бара организација. Бара и благослов веројатно. Се знае од кого.

А и да е така, како да ви кажам… А бе ич не му се секирам! На комшијата му посакувам пријатен престој и со здравје да си го арчи кешот. Фраер испадна. Јас, пак, веќе немам никакви илузии дека во Македонија има смисла човек да се бори за некакви принципи, да „гине“ за идеали и за слични будалштини.

Се сеќавате кога шетавме по улици и се деревме „нема правда, нема мир“? Е сега, кога Грујо ни се смее од Унгарија, мене ми е криво што шетав со вас и што и јас понекогаш подвикнував. Ми е криво што јадев г…. Гулаш бе, пичка ми матер!

БРАНКО ГЕРОВСКИ ЗА  ПЛУСИНФО