Карла дел Понте: Kосово прерано стана држава

Поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал Карла дел Понте изјави во Тирана дека претседателот на косовската влада Рамуш Харадинај не заслужува да ја врши таа функција, бидејќи во првостепена постапка е осуден во Хашкиот трибунал за наводни воени злосторства и оцени дека Косово не ги исполнува условите да биде држава.

Во изјава за албанската ТВ Ора њуз, Дел Понте на маргините на промоцијата на нејзината книга за војната во Сирија изјави дека сѐ уште има многу да се сработи во поглед на казнувањето на воените злосторства во поранешна Југославија.

Таа го доведе под прашање и постоењето на Косово како држава и кажа дека не е праведно тоа што косовскиот премиер Рамуш Харадинај е на таа позиција.

„Мислам Харадинај не ја заслужува функцијата на која се наоѓа денес. Осуден е од страна на Хашкиот трибунал, но за жал Апелацискиот суд го ослободи. Но јас повеќе не бев главен обвинител. Тешко е да се види тоа тој првостепено да биде казнет, а сега Косово е една вонредна состојба“, кажа Дел Понте.

Хашкиот триибунал не го осуди, туку двапати го ослободи Харадинај. По првото судење Харадинај беше ослободен од обвинувањата за злосторства на Косово во 2008, по што Апелацискиот совет таквата пресуда ја поништи и наложи ново судење, но и во повторениот процес тој беше ослободен.

Дел Понте смета дека Косово имало „привилегија“ да биде признато како држава, што според неа „било прилично избрзано“ и поради што за неа „Косово е сѐ уште под прашање“.

Таа зборуваше и за Жолтата куќа во која пишуваше во својата книга „Ловот, јас и воените злосторници“ и укажа дека обвинителството „се обидело да води истрага, но дека тоа не можеле да го направат“.

Врз основа на тврдењата во нејзината книга и истрагата на терен, поранешниот швајцарски сенатор во Советот на Европа Дик Марти изработи извештај кој беше претставен на Советот на Европа и прифатен како официјален документ на Советот.

Тој извештај послужи како основа за истрагата која ја водеше американскиот обвинител Клин Вилијамсон, кој во јули 2014 соопшти дека дошол до неспорни докази за поднесување обвинение за злосторства против одделни поранешни команданти на УЧК, но дека немало докази за трговија со органи.

Косово во 2016 година со измени и дополнувања на уставот формираше Специјален суд за воени злосторства на поранешни восики припадници на УЧК за кои се зборува во извештајот на Дик Марти.

Судот е надлежен за „злосторства почнати или извршени на Косово“ од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000.