Економист: Ако има голема Албанија, ќе има и голема Србија

Весникот пренесува изјава на неименуван косовски функционер, кој за британскиот весник вели дека „секогаш има други опции“. Тој под тоа мисли, како што се објаснува во текстот, дека Косово доколку Белград не ја признае самопрогласената независност и не му овозможи членство во ОН, може да се определи за обединување со Албанија.

„Некои националисти во Србија, кои сфаќаат дека Косово е изгубено, би можеле и да го поздрават тоа. Ако постои ‘голема Албанија’, тогаш тие би можеле да бараат ‘голема Србија’, положувајќи право на српскиот дел од Босна, за што војуваше Милошевиќ“, шпекулира Економист.

Се оценува и дека Белград и Приштина тешко можат да се договорат за размена на територии и оценува дека „измената на границите“ по етнички линии не би била лесна.

Идејата за размена на делови од териториите населени со десетици илјади луѓе буди и надежи и стравувања низ целиот Балкан и предизвикува политички вриења на самото Косово, пишува Економист. „Ако Косово и Србија ги изменат своите граници по етнички линии, тоа би значело голема и најверојатно дестабилизирачка промена за целиот регион“, се истакнува во текстот со наслов „Пропаднаа плановите на Косово и Србија за размена на територии“.

Тоа ќе значи, на пример, дека претседателот на Република Српска ќе ги засили сопствените барања за независност тврдејќи дека старите внатрешни граници на Југославија сега се нарушени, и дека тоа ќе се случи и со границите на Босна, што според Економист би довело до нова војна.

ЕУ и САД претходно ја отфрлаа измената на границите на етничка основа, со уверување дека тоа би го дестабилизирало регионот, но сега им дадоа зелено светло на косовскиот претседател Хашим Тачи и претседателот на Србија Александар Вучиќ, за да видат дали тие можат да се договорат.

Економист истакнува и дека Вучиќ „сака гаранции дека Србија ќе добие членство во ЕУ ако дојде до договор меѓу Белград и Приштина“, но оценува дека ЕУ не може да даде такво ветување.