“Добив рак бидејќи го прегрнував својот татко кога се враќаше од работа”

На 43-годишната Кејт Ричмонд од Австралија ѝ бил дијагностициран перитонеален рак (рак на јајниците и јајцеводите) кој е многу редок, а го предизвикува изложувањето на азбест.

Лекарите ѝ рекле дека ракот е поврзан со азбестните влакна – што значи дека несвесно ја внела оваа опасна супстанца уште како дете, пишува “Daily Mail”. Taa верува дека дошла во допир со азбест бидејќи како мала го прегрнувала својот татко секој пат кога се враќал дома од својата работа во фабрика.

Шокирана од дијагнозата, Кејт изјавила дека на почетокот немала поим на кој начин била изложена на азбест. Треба да поминат најмалку 10 години од изложувањето на азбест до почетокот на развој на болеста.

Единствено објаснување на кое таа можела да се сети е тоа што секој ден го прегрнувала својот татко откако се враќал од работа во фабриката во која работел речиси 18 години. Ричмонд тврди дека била изложена на азбестни влакна кои се наоѓале на облеката на нејзиниот татко, меѓутоа, тој факт не може да се потврди.

Пред дијагнозата, мајката на две деца кон почетокот на оваа година почнала да чувствува болка во цревата и повремено да го губи здивот. Откако направила рендген, докторите утврдиле дека има вишок течности во стомакот.

По целосната хистеректомија, со која ги отстранила канцерогените тумори, семејството добило вест дека Кејт има уште можеби две до три години живот.

“Плачев и мислев: Но, имам само четириесет години и мали деца, треба да бидам тука за нив”, изјавила Кејт.

Семејството и пријателите покренале кампања на страницата “GoFundMe” на која собираат донации за нејзино лекување. На кампањата досега се собрани повеќе од 64 илјади долари.

“Кејт е фантастична мајка на две прекрасни деца. Таа работи како докторка, а помагањето на луѓето е она што ѝ дава сила да продолжи понатаму. Таа е позитивна, дарежлива личност со генијална смисла за хумор, која ја обожуваат пријателите како и нејзините пациенти. Се што таа сака е да се врати на работа и да им помага на своите пациенти и заедницата, како и да биде тука за своето семејство. Но засега, Кејт е сосредоточена на најтешкиот предизвик, а тоа е да оздраве”, изјавила нејзината пријателка Ема Џонсон.