ВИДЕО: Викал „Алаху акбар“ и ги нападнал минувачите

Терористичката организација Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во предградието на Париз, каде што две лица загинаа во нападот на нож, додека еден е сериозно ранет.

Меѓутоа, француското Министерство за внатрешни работи објави дека напаѓачот си ги убил мајката и сестрата и дека соопштението на ИСИС треба да се прими со скепса бидејќи не е исклучена семејна кавга.

Амак, новинска агенција на терористичката организација, во изјавата рече дека напаѓачот бил „борец на Исламска држава“, без да даде конкретни докази.

Првично беше објавено дека едно лице е убиено, а двајца се ранети, но француски официјален претставник потоа објави дека две лица загинале и дека третото е потешко рането.

Телевизијата БФМ објави дека напаѓачот викал „Алаху акбар“ и ги нападнал минувачите. Според АП, човекот потоа се затворил во куќа, по што бил убиен од полицијата.

Напаѓачот претходно им бил познат на безбедносните служби и бил запишан на списокот со поединци што се закана за националната безбедност, познат како „Карта С“, за поттикнување тероризам, според локалните медиуми.

Нападот се случи во Трап, сиромашно предградие на Париз.