Побегнала во Германија од Џихадист, па го сретнала во Штутгарт

Тинејџерка од племето Јазиди, која барала азил во Германија, бидејќи ја прогонувале џихадистите на ИСИС, одлучила да се врати назад во Ирак кога во Штутгарт видела свој некогаш мачител.

Ашвак Тало се шетала низ Штутгарт кога ја сопрел Абу Хуман. Тој своевремено ја купил за 100 долари и ја држел како робинка.

“Се замрзнав кога му го видов лицето. Тоа беше Абу Хуман, истата застрашувачка брада и грозно лице. Мислев дека сето тоа е зад мене”, рекла таа.

Тој тогаш рекол: “Јас сум Абу Хуман, беше со мене некое време во Мосул. Знам каде живееш, со кој живееш и што правиш”.

Ашвак веднаш на својот брат му раскажала што се случило, а инцидентот го пријавила и во германската полиција, која успеала да го идентификува човекот преку надзорните камери.

Меѓутоа, велат дека немаат основа за апсење, бидејќи Абу Хуман е регистриран како бегалец во Германија.

Тинејџерката тогаш решила да се врати во назад во Ирак, верувајќи дека во Курдистан ќе биде побезбедна. Таму живее и нејзиниот татко.

“Не се враќам веќе во Германија”, рекла таа.

Инаку, таа во кратко видео објаснила што се се случувало. Во август 2014. година ја киднапирале припадници на ИСИС, кои инаку се познати по убивањето на Јазиди. Во октомври успеала да побегне. Уште во 2016. година го видела Абу Хуман во Германија, а втор пат тоа се случило во февруари оваа година.