Taчи и Вучиќ би го делеле Косово – За Македонија тоа дефинитивно би значело крај

Доколку би бил постигнат ваков договор, од него најголеми последици би имала Македонската држава. Слободан Милошевиќ кој за многу работи погреши, за една беше во право дека на Косово покрај другото се брани и Македонија. Поточно секаде онаму каде што се брани принципот на неменливост на гранците се брани и неменливоста на границите на било која друга земја. Тоа најдобро го знае Шпанија која во моментов е против косовската државност многу повеќе и од самата Србија.

Македонија како држава е дефинитивно пред нов предизвик, имено српскиот претседател и вооедно далеку најмоќниот човек во Србија Александар Вучиќ, се залага за конечен договор со Албанците што би значело создавање и меѓународно правно легитимирање на уште една албанска држава а тоа е Косово.

Во тоа голема поддршка има и од лидерот на Социјалистичката партија Ивица Дациќ, поранешен потпарол на Милошевиќ, а сегашен Министер за надворешни работи. Истите овие со својата националистичка реторика во деведесетите  години потикнуваа илјадници српски деца да одат во војна за одбрана на српски национални интереси, а сега  работат на косовската државност.

Всушност Вучиќ доколку се постигне компромис помеѓу Србите и Албанците ќе побара од Русија да не става вето на членството на Косово во Обединетите ации и со тоа би се заокружила  државноста на Косово.

Но за возврат тој бара да добие нешто со што би се оправдал пред своето гласачко тело кое е претежно десничарски расположено и во поголемиот дел е против признавањето на Косово. Поточно „Ем би го издал Косово ем би останал патриот“ со изговор дека за разлика од предходно кога Србите немале ништо на Косово сега успеале да го добијат северниот дел од Косово.

Првпат за ваквите намери проговори српскиот политичар Вук Јеремиќ кој од свои дипломатски извори дознал дека Вучиќ предложил да овозможи членство на Косово во ООН, а за возврат да го добие Северно Косово. Овој предлог бил одбиен од страна на косовските власти, па Вучиќ отишол и чекор понатаму па понудил освен индиректно признавање и дел од Прешевската долина.

За сето ова неодамна пишуваше и хрватски Глобус 

Ваквиот став, Вучиќ наводно го изнел во интервју за хрватскиот неделник Глобус, а го пренесуваат хрватски и српски медиуми.

„Сите Срби знаат дека го изгубија Косово- но јас ќе сторам сѐ што е во моја моќ да вратам што се може, за на крајот да не испадне како целосен пораз или целосна загуба“, вели Вучиќ за Глобус.

„Доколку видам дека нешто е добро за Србија, јас тоа ќе го туркам- без оглед на последиците“, вели српскиот претседател.

Авторот на интервјуто со Вучиќ, хрватскиот новинар Дарко Худелист во одделен текст ги анализира најавите на Вучиќ на следниот начин:
„Поедноставено кажано: да, ќе го признаеме Косово (но без чинот на експлицитно меѓународно-правно признавање), но за возврат ќе го ‘истргуваме’ северот на Косово. Нема на (Албанците на Косово) да им дадеме баш сѐ, нешто сепак ќе успееме да задржиме и за себе“, пишува Худелист. Нејасно е дали тој на овој начин ги цитира зборовите на српскиот претседател, пренесува неофицијален став или извлекува сопствени заклучоци?

Своите ставови Вучиќ ги оправдува со тврдењето дека доколку не се направи разграничување со Албанците, како резултат на нивниот наталитет тие би се прошириле низ цела Србија, односно би станале мнозинство во целата земја. Но при тоа намерно или ненамерно не го забележува фактот дека Албанците масовно се иселуваат од Косово.

Ваквиот предлог на почетокот беше одбиен од косовските власти, за да сега помалку „срамежливо“ , нешто слично предлага и Косовскиот претседател Хашим Тачи.

„Косовската граница со Србија треба да се редифинира или да се коригира“, изјави Тачи за албанскиот сервис на ВОА.

Сепак, косовскиот претседател и натаму тврди дека жестоко ќе се спротивстави на најавите од Србија со кои се бара поделба на Косово, односно припојување на северниот дел – мнозински населен со Срби – кон Србија. Концептот кој го предлага Тачи, како што објаснува самиот, не е поделба по етнички линии, туку редефинирање на границите со Србија.

Ова е официјалниот негов став а неофицијално како што тврди Вук Јеремиќ при средбата помеѓу Вучиќ и Тачи била договорена размена на територии, но овој предлог не наишол на поддршка кај американските власти, кои се противат на идејата за создавање на етнички чисто Косово кое би било плодна почва за делуванње на исламските фундаменталисти.

Но доколку би бил постигнат ваков договор, од него најголеми последици би имала Македонската држава. Слободан Милошевиќ кој за многу работи погреши, за една беше во право дека на Косово покрај другото се брани и Македонија. Поточно секаде онаму каде што се брани принципот на неменливост на гранците се брани и неменливоста на границите на било која друга земја. Тоа најдобро го знае Шпанија која во моментов е против косовската државност многу повеќе и од самата Србија.

Всушност доколку се реализира ова сценарио тогаш Албанците за Северно Косово ќе бараат и друг „надоместок“, а тоа дефинитивно ќе биде Западна Македонија, а нашата држава без овој дел дефинитивно не би можела да опстане како држава. Предлозите како оној на Љупчо Ѓорѓиевски за остапување на Западна Македонија на Албанија се надвор од здрав разум.

Истовремено со новото прекројување на границите се отвара пандорината кутија, нешто што го потврдува и експертот за Балканот од Џон Хопкинс универзитетот во САД, Даниел Сервер.

„Тоа е лоша идеја затоа што може да го дестабилизира целиот Балкан и ќе ја зголеми политичката поддршка за оние сили во Косово кои се спротивставуваат на независноста и посакуваат унија со Албанија“.

„Тоа исто така ќе има и пошироко негативно влијание, врз Македонија, врз БиХ, а тука ги имате и руските амбиции да ги контролираат Јужна Осетија и Грузија и други територии. Тоа ја отвора Пандорината кутија“, вели Сервер.

Каде се всушност македонските геостратези и дипломати, кои би изготвиле наша државна стратегија, вистината е дека всушност ние и немаме вистински  дипломати и геостратези, барем не во Министерството за надворешни работи и во Владата, ние имаме само партиски послушници, вработени и од оваа и од претходната власт, кои се способни за спроведување само на партиска агенда.

Милан Милиќевиќ