Украдениот идентитет на осумгодишник води до најголемите мистерии во САД

Телото на Џозеф Њутон Чендлер Третиот (76) беше пронајдено од полицијата во неговиот стан во близина на Кливленд, во 2002 година, каде што тој извршил самоубиство, што покрена бројни прашања за случајот кој до денес е поврзуван со безмалку сите познати мистерии во САД, пишуаат американските медиуми.

Проверувајќи го името Џозеф Њутон Чендлер Третиот, полицијата откри дека станува збор за украден идентитет на осумгодишно момче кое загинало во сообраќајна несреќа со неговите родители во 1945 година.

– Џозеф Чендлер не доби шанса да го живее својот живот, но некој друг го стори тоа наместо него – кажа маршалот Пит Елиот на прес-конференција посветена на случајот, во четвртокот.

Човекот што го украл идентитетот работел како електричар, кој познаниците го опишале како интелигентен ексцентрик и самотник, без семејство ниту пријатели. Тој држел спакуван кофер во својот стан, а имал и 82 илјади долари на сметка, како да се подготвувал да избега во секој момент.

Постојат повеќе теории дека Чендлер би можел да биде озлогласениот сериски убиец Зодијак, или пак, познатиот ограбувач Ди Би Купер.

Вистинскиот идентитет на Чендлер, сепак, беше откриен по ДНК-анализа во 2014 година, која ги одведе истражителите до неговиот син Фил Николс, во март 2018 година. Името на мистериозниот маж е Роберт Иван Николс. Тој е одликуван ветеран од Втората светска војна, кој имал сопруга и три деца. Николс го напуштил семејството во 1964 година, ветувајќи дека допрва ќе им ја открие причината за неговата постапка, за последен пат да контактира со нив една година подоцна, преку писмо. Семејството пријавило дека Николс исчезнал, но властите не успеале да го пронајдат.

Познато е дека Николс често се селел, живеејќи во Мичиген, Оклахома, Калифорнија и во Охајо, пред да го земе идентитетот на Чендлер во 1978 година. Властите сега се обидуваат да откријат зошто Николс го украл идентитетот, за потполно да го разрешат случајот, за што бараат помош од јавноста.

– Постои причина зошто исчезнал во 1965 година, зошто го земал идентитетот на починатото осумгодишно момче и зошто се криел со години. Еден дел од мистеријата е решен, но за другиот дел се обраќаме до јавноста – порача Елиот.