Св. маченик Никифор – пружете рака за помирување, така светецот ќе ви го направи животот поубав и полн со љубов и радост

Денеска е Св. маченик Никифор

Во третиот век во Антиохија живееја двајца многу блиски пријатели, Саприкиј и Никифор. Но, еден ден тие толку се налутија еден на друг, што не сакаа очи да си видат. По некое време Никифор ја сфати бедата на лутината и побара прошка од Саприкиј, кој беше свештеник. Овој не сакаше ни да чуе. Сите молби остануваа попусти.

Во тоа време, при едно гонење на христијаните, Саприкиј беше затворен и ставен на маки, зашто не се окажуваше од Христа. Најпосле го осудија и го поведоа кон губилиштето. По патот Никифор повторно со солзи го молеше да му прости, но на Саприкиј срцето му остана тврдо. Така и ја изгуби благодатта и на губилиштето се откажа од Христа, а Никифор, гледајќи го тоа, самиот побара и беше погубен наместо него.

Никифор е заштитник на сите кои неправедно страдаат. Тој е заштитник на оние кои за пријателите ако треба одат и во оган.

Се верува дека ова е ден кога скараните се смируваат и почнуваат пријателство повторно. Затоа, заборавете денеска на сите кои ви направиле лошо и пружете рака за помирување. Така светецот ќе ви го направи животот поубав и полн со љубов и радост.

Светиот свештеномаченик Петар Дамаскин

За овој светител едни мислат дека живеел во 8 век, други во 12 век. Оваа разлика во мислењата секако доаѓа оттаму што постоеја двајца светители со името Петар Дамаскин. Овој за кого овде станува збор беше голем подвижник. Несебичен до крајност, самиот немаше ниедна книга, но ги позајмуваше и ги читаше. А читаше неуморно собирајќи мудрост. Едно време беше епископ во Дамаск, но бидејќи зборуваше против мухамеданството и манихејската ерес, Арапите му го пресекоа јазикот и го испратија во прогонство длабоко во Арабија. Но Бог повторно му даде сила на говор, па и таму го проповедаше Евангелието и многумина ги обрати во верата Христова. За христијанското потомство состави една драгоцена книга за духовниот живот. Заврши како исповедник и маченик и се пресели во Царството Христово.