Од вратар до премиер – од каде има Харадинај толку пари?

Швајцарскиот весник “Neue Zürcher Zeitung” пишувал вчера за уживањето на косовскиот премиер во текот на дочекот за Новата година во Швајцарија и го поставил прашањето: “Од каде има тој толку пари”?

“Невозможно е да се сокриеш од политичките противници на Косово. Тоа пред десет години го искусиле сведоците кои сакале да сведочат против Рамуш Харадинај, а потоа замолкнале. Харадинај два пати е ослободен од обвиненија за воени злосторства и денес е премиер на држава. Но, сега мора сам да сфати дека и натаму е тешко да чува тајни во ова општество на големи семејства”, пишува Neue Zürcher Zeitung во краткиот осврт за богатството на Рамуш Харадинај.

Харадинај имено тивко ја прославил Новата година со сопругата, трите деца и внукот во Швајцарија, ни помалку ни повеќе, во хотелот Риц Карлтон во Сен Мориц.

“Поврзаноста со Швајцарија тој ја дели со многу поранешни кадри од герилските трупи на ОВК. Пред да стане воен лидер во војната во 1998. година во регионот Дукаџин, работел како вратар во ноќен клуб. Швајцарија поради тоа е логичен избор за одмор”, пишува весникот.

“Но, од каде Сен Мориц и од каде “Карлтон”?”, се прашува истражувачкиот портал “Insiders”.

За една вечер во 160 квадратниот кралски апартман, кој Харадинај наводно го резервирал, мора да се избројат околу 5.000 франци. Заедно со новогодишната вечера и другите луксузи, 10-дневниот одмор наводно чинел околу 80.000 франци. Порталот пренесува дека точниот износ не може да се даде бидејќи хотелот не дава податоци. Но, и кабинетот на Харадинај молчи.

Таму велат дека станува збор за приватни давачки со кои државата нема ништо, пренесува Deutsche Welle.

Весникот од Цирих потсетува и дека Харадинај неодамна си ја зголемил платата, што го објасил со тоа дека има трошоци за облекување во склад со функцијата, па сега е најплатен премиер во регионот.

“Но, и со таква заработувачка е тешко да се плати одмор во Сен Мориц. Како што кажавме, на Косово е невозможно да има тајни. Нерешена останува само мистеријата од каде им се толку пари на луѓето како Рамуш Харадинај”, наведува швајцарскиот весник.