ХРИСТОС СЕ РОДИ! (Младоженецот на душата се роди!)

Од ваквото служење и обожавање на Христа произлегла книгата „Песна над песните” од премудриот Соломон. Таа книга го негува божествениот копнеж, Божјата љубов, служењето и будноста во односот со небесниот Младоженец. Колку убави зборови, полни со љубов, божествен ерос! Изгледаат како човечки, но сепак се божествени. „Затоа што сум ранет од Твојата љубов”, се вели во еден тропар. Значи, „страдам, трпам, Те бара мојата душа, Те бара Тебе Кој си светлина, живот, Бог, мој Господ и мој Бог”.

Пред се’, во книгата „Песна над песните” Го гледаме Христос како Младоженец. Христос е Младоженецот на нашата душа. Нашата душа, која е Негова невеста, Го следи во се’. Го следи и во мачеништвото и на Голгота и во распетието, но и во воскресението. Кога ќе достигнеме до таа љубов, тогаш Христос ке се наведне да влезе во нас и ќе ја исполни нашата душа.

Непрестајно да бидете насочени нагоре, кон Христа, да се зближувате со Христос, да работите со Христос, да живеете со Христос, да дишете со Христос, да страдате со Христос, да се радувате со Христос. Христос да биде за вас се’. Вашата душа да Го бара и да Го повикува својот Младоженец: „Кон Тебе, Младоженецу мој, копнеам”. Христос е Младоженецот, Таткото, Он е се’. Во нашиот живот не постои повозвишено нешто од љубовта кон Христа. Се’ што сакаме е во Него. Христос е се’. Он е сета радост, сето веселие, сиот рајски живот. Кога Го имаме Христос во себе, тогаш ги имаме сите величија. Душата што е заљубена во Христа е постојано радосна и среќна, без разлика на тоа колку маки и жртви ја чини таа љубов.

Никој не може да одрече дека Христос е полнотата. Оние што ја негираат оваа вистина се душевно болни, обземени од злиот дух. Го негираат она што им недостасува. Така ѓаволот ја наоѓа нивната душа празна и влегува во нив. Како што детето длабоко се повредува доколку во својот живот е лишено од таткото и мајката, така, а и уште повеќе, човекот се повредува доколку е лишен од Христос и Богородица.

Во книгата „Песна над песните” невестата за Младоженецот вели: „Јас спијам, а моето срце бдее. Ете го гласот на мојот љубен, кој чука на вратата”.

Невестата бдее и Го сонува Него. Иако спие, сепак нејзината душа е насочена кон Него. Така ја изразува својата љубов и потполна посветеност. Го има постојано во својот ум, во своето срце, дури и кога спие. Го обожува. Разбирате ли? Служењето на Бога треба да се прави од сета душа и од сето срце. Што значи тоа? Единствената ваша мисла, единственото ваше поимање да биде Бог, но не како што се другите мисли и поимања. Оваа мисла и поимање е различно од другите. Тоа е еден вид служење на Христа. Тоа е мисла што привлекува и задоволува. Не се работи за нешто што се прави наемнички или принудно, туку чувствувате задоволство и духовно уживање. Не е како лекцијата што ја учи детето за да оди на училиште, туку е како љубовта помеѓу двајца луѓе, но повозвишена, духовна љубов.

„И како што родилката, кога ќе и дојде часот, извикува во своите болки, така и ние кон Твојот Возљубен заради Твојот страв, Господи, зачнавме, почувствувавме болка и родивме”, се вели во книгата на пророкот Исаија (Ис. 26,17-18).

Така нашата душа повикува кон Бога поради болката што ја чувствува кога Го бара. При тоа прави и извесен напор, труд. Што значи маката на родилката и плачот? Зарем не се тоа болка и мака додека да дојде Христос во нас? Оваа болка е многу поголема, и неа ја познаваат оние кои ја вкусиле. Тоа е неподносливо мачење…

Пренесено од книгата “Животот и словата на старец Порфириј Кавсокаливит”

Извор: pokajanie.mk