Симптоми кои укажуваат на Тумор на мочeн меур – Прогноза, дијагноза и третман

Туморите на мочниот меур во однос на појавата се наоѓаат на првите 2 до 3 места според застапеноста. Исто така, оваа болест е 2 до 3 пати почеста кај машката (особено постарата машка популација) во однос на женската популација. Но, и младите треба да бидат внимателни, особено ако забележат крв во урина, кој е прв симптом за ова заболување.

Прв аларм – крв во урина

Крвава урина без присуство на болка е еден од првите симптоми кои треба да го наведат пациентот да се јави на лекар и да ги направи сите неопходни испитувања за да се исклучи или дијагностицира неоплазма на мочниот меур. Кај ова заболување може да се појават симптоми на долниот уринарен тракт како зачестеното мокрење, болка во пределот на мочниот меур, потешкотии и напор при мокрење. „Пациентите најчесто прво се јавуваат кај матичните лекари кои треба особено внимание да посветат на горенаведените симптоми и доколку постои барем еден од нив да го препратат пациентот на подетални испитувања кај уролог. Секое одлагање на третманот или третирање на пациентот како хеморагичен цистит, крвавење поради камче во уринарниот тракт или крвавење поради хиперплазија на простата може да го наведе пациентот во погрешна насока.

Цистоскопија, најважна дијагностичка алатка

Најчести тумори на мочниот меур околу 75 до 85% се т. н. површни тумори кои имаат многу подобра прогноза за пациентот за разлика од групата на мускулоинвазивни тумори кои ја зафаќаат мускулатурата на мочниот меур и се јавуваат во 15 до 25% од случаите. За рана дијагноза на болеста, се користи интравенозна урографија, ЦТ урографија, ултрасонографски преглед, цитолошки преглед на урината и уринарните молекуларни маркер тестови. Најголемо значење има цистоскопијата со која се дијагностицира болеста и макроскопскиот изглед на туморот, неговата големина, местоположба и бројот на тумори.

Ендоскопско отстранување на туморот

Веднаш по поставувањето на дијагнозата се пристапува кон ендоскопско отстранување на туморот. Со оваа интервенција би требало да биде отстранет целиот тумор. Доколку се работи за инфилтративен тумор, каде е зафатен мускулот, тогаш се зема примерок од туморот и се носи на хистолошка верификација. Во зависност од хистолошкиот наод се планира понатамошното лекување на пациентот.

Целосно отстранување на мочниот меур

Доколку хистолошкиот наод потврди дека се работи за инфилтративен тумор на мочниот меур, што значи дека е зафатен мускулниот слој на истиот, пациентот се подложува на една од најсложените операции во областа на урологијата, а тоа е комплетното отстранување на мочниот меур (радикална цистектомија). „Кај овие пациенти кај кои е потребно целосно отстранување на мочниот меур се прави деривација на урината преку отвор на предниот абдоменален ѕид, или се оформува нов мочен меур од одредени делови на тенкото црево. Во зависност од хистолошкиот наод на отстранетиот мочен меур и лимфните жлезди се одредува дали пациентот ќе се подложи на дополнителна хемотерапија или зрачна терапија.

Многу битно е болеста да се открие рано, од што зависи и прогнозата од лекувањето. Ова овозможува веднаш да се применат сите терапевтски можности во однос на туморот на мочниот меур и се зголемува веројатноста за комплетно излекување на пациентот.