Тринаесетгодишна девојка спаси осум луѓе со нејзините органи

Џемајма Лајзел, 13-годишна девојка од Сомерсет, Велика Британија, која почина од аневризма на мозокот, е првата личност на светот која спасила најголем број луѓе со донирање на органите.

Осум луѓе живеат благодарение на нејзините органи што родителите на Џемајма ги донирале по нејзина желба.

Таа починала четири дена откако одненадеш се онесвестила додека ја подготвувале роденденската забава за мајка ѝ. Донирани се нејзиното срце, дел од цревата, панкреасот, бубрезите, белите дробови и црниот дроб.

Од осумте луѓе на кои им биле трансплантирани органите, пет се деца. Нејзините родители велат дека Џемајма би била многу горда на своето наследство.

„Знаевме дека Џемајма сака да биде донатор, бидејќи разговаравме на таа тема неколку недели пред да почине. Разговорот го поттикна смртен случај на близок човек во сообраќајна несреќа. Тој имаше картичка дека е донатор, но не можеше да се искористат неговите органи поради околностите во кои почина. Тогаш Џемајма дозна за донирање органи и рече дека еден ден би сакала и таа да може да помогне некому на тој начин“, рече мајка ѝ Софи.

Нејзините родители не знаеле дека Џемајма е единствената личност на светот чии органи спасиле толку многу луѓе одеднаш.

„Стотици луѓе чекаат на листата за трансплантација, а многу семејства решаваат да не ги донораат органите на нивните блиски. Ве молиме, ако сакате да бидете донатор по смртта, кажете им на вашите блиски, нека знаат“, вели Ентони Кларксон од Националната здравствена служба на Велика Британија.