ВИДЕО: САД ја нападна Сирија – Остра реакција на Путин

Најмалку четири лица загинаа, од кои еден офицер со висок ранг, во воздушниот напад на САД врз база на сириското Воено воздухопловство крај Хомс, а базата е целосно уништена, соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика „сите цивилизирани држави“ да се приклучат кон САД за да се стави крај на крвопролевањата во Сирија.

Трамп даде куса изјава откако од два американски воени брода во Средоземното Море беа испукани 59 ракети врз сириска воздухопловна база.

Според Трамп, нападот брз базата, од каде на 4 април „сириската авијација извршила хемиски напад врз цивили во провинцијата Идлиб, е исклучително важен за националните интереси на САД“.

Тој додаде дека сирискиот режим поседува забранети хемиски оружја и дека САД треба да спречат нивно ширење

Пентагон објави денеска дека Русија била претходно известена за воздушните напади врз базата крај Хомс.

Според нив, нападот е извршен поради смртоносниот хемиски напад во вторникот врз цивили во покраината Идлиб. Претходно американски медиуми јавија дека САД известиле голем број држави за операцијата, но меѓу нив не била Русија.

Пентагон соопшти дека 59 ракети Томахавк се испукани ноќеска од два воени брода на армијата на САД врз сириски воен аеродром и други цели.

– Тие ракети беа насочени кон авиони, зони со нафтени и логистички складишта, бункери за муниција, системи за противоздушна одбрана и радари, изјави портпаролот на Пентагон, Џеф Дејвис.

Претседавачот со Комитетот за меѓународни работи на рускиот Парламент, Константин Косачев во меѓувреме изјави дека коалицијата на Русија со САД по прашање за сириската криза е доведена во прашање откако Вашингтон изврши ракетни наапди врз воздушната база Ал Шарјат.

Косачев оцени дека нападите се извршени со намера „со помош на барут да се отпечати подготвена пресуда поврзана за одговорност на Асад за хемискиот напад во Идлиб“.

Претходно рускиот заменик-амбасадор во ОН, Владимир Сафронков предупреди дека ќе има „негативни последици“ ако САД се одлучат за воздушни напади врз Сирија заради смртоносниот хемиски напад.

– Ако има воена акција, таа ќе падне на рамена на оние кои иницираат такви акции, изјави тој.

Сириската опозиција смета дека ракетните напади на САД врз базара во Сирија е важна реакција, што испраќа порака до Дамаск дека не може да дејствува неказнето. Тоа за ДПА го изјави активист на опозицијата.

– Тоа е многу важна американска рекација и сметаме дека тоа ќе биде почеток со кој ќе му се каже на режимот дека не може да остане неказнет, изјави Ахмед Рамадан, шеф на прес службата на Сириската национална коалиција.

Израел во меѓувреме изрази целосна поддршка за нападите на САД врз сириската база и ги оквалификува како „силна порака“ која треба да ја слушнат Иран и Северна Кореја, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

– Израел целосно ја поддржува одлуката на претседателот Доналд Трамп и се надева дека таа порака на одлучност, како одговор на режимот на Башар Асад, ќе се слушне не само во Дамаск туку и во Техеран, Пјонгјанг и на други места, се вели во соопштение од Кабинетот.

Израел нагласува дека „со нападите Трамп испрати силна порака дека нема да се толерира користење и ширење хемиско оружје“

Гувернерот на сириската провинција Хомс Талал Барази изјави  дека во базата во Хомс е предизвикан голем пожар по ракетниот напад.

– Евакуацијата на луѓето од базата продолжува. Базата е на околу 45 километри источно од градот Хомс и се користи во борбите против тероризмот, изјави Барази.

Во Хомс дејствуваат и припадници на ИД. Претставници на опозицијата и на бунтовниците велат дека од базата на ВВС се извршуваат напади врз сите региони под контрола на бунтовниците во централна и северна Сирија.

Остра реакција на Путин

putin_avion

Американските напади врз Сирија се агресија против суверена држава, смета рускиот претседател Владимир Путин.

– Претседателот Путин смета дека американските напади врз Сирија се агресија врз суверена држава и непочитување на нормите на меѓународното право, притоа со измислен повод, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.

– Американскиот напад сериозно им штети на руско-американските односи, кои и без тоа се во жална состојба и пречи ефикасно да се дејствува против тероризмот, доаде Песков пренесувајќи став на Путин.

Рускиот претседател смета дека американскиот напад е обид да се одвлече вниманието на светот од многуте жртви меѓу цивилите во Ирак, изјави Песков.