Муслиманка станува премиер во држава во која речиси и да нема муслимани?

За прв пат жена и за првпат муслиманка може да стане премиер на Романија, откако Севил Шаидех беше номинирана како кандидат на владејачката коалиција на Социјалдемократската партија и Алијансата на либералите и демократите, објави Би-Би-Си.

Шаидех е од семејство на романски татари, а нејзиниот сопруг е Сириец.

Татарите се едно од официјално признатите национални малцинства во Романија, пишува Би-Би-Си. Според пописот од 2011 година во Романија живеат речиси 20.400 татари.

Повеќето модерни татари во Романија се потомци на кримските татари.

По едукација Севил Шаидех (52 години) е економист. Од 1991 година до 2012 година таа работи во органите на локалната самоуправа во Констанца, а подоцна – во регионалното министерство.

Во 2015 година за половина година таа раководеше со тоа министерство и стана првиот министер во поновата историја на Романија, кој положил заклетва со рака врз Куранот.

Во средата, романскиот претседател Клаус Јоханис започна консултации со претставници на парламентарните политички сили за формирање влада и кандидат за премиер.

Апсолутното мнозинство од населението на Романија исповеда христијанство, главно – православието. Според податоците од пописот на населението од 2011 година, како следбеници на исламот се изјасниле малку над 64.000 лица или 0,3% од населението.

Парламентарните избори во Романија се одржаа на 11 декември. Најмногу гласови освои Социјалдемократската партија, а на второ место е Националлибералната партија.