Викиликс: Сорос ја инструирал Хилари Клинтон во албанската врска

Викиликс објави дека Џорџ Сорос, во и-мејл што во 2011 година и го упатил на Хилари Клинтон, додека била шеф на американската дипломатија, и дал детални упатства за тоа како таа да им пристапи на тогашните немири во Албанија, истакнувајќи дека за тоа „е потребно вниманието од највисоко ниво на американската Влада“.

Мејлот е со датум од 24 јануари 2011 година, а е испратен од адресата на Џорџ Сорос, основачот на Фондацијата отворено општество.

„Ситуацијата во Албанија е сериозна и потребно е вниманието на американската Влада на највисоко ниво. Можеби сте упатени дека во текот на демострациите на опозицијата во Тирана дојде до загинување на три лица и до уништување на имот“, пишува во мејлот што наводно го потпишал Џорџ Сорос.

Во тоа време, албанската опозициска Социјалистичка партија одби да ги признае резултатите од изборите од 2009 година, според кои тогашниот премиер Сали Бериша победил со незначителна предност, пренесува порталот Раша Тудеј.

Во натамошниот текст на мејлот, Сорос, меѓудругото, дава прецизни упатства како треба да се реши кризата во Албанија.

„Сметам дека е непходно итно да се направат две работи: 1) Максимално ангажирање на меѓународната заедница за премиерот Бериша и лидерот на опозицијата Еди Рама да ги спречат натамошните демонстраци и да ја ублажат јавната реторика; 2) да се именуваат високи европски претставници како посредници“, пишува во мејлот упатен до тогашната  државна секретарка на САД.

Сорос, покрај тоа, предлага тројца кандидати за посредување во решавањето на албанската криза: Карл Билт, Мартин Ахтисари и Мирослав Лајчак, со објаснување дека сите тројца се „силно врзани за Балканот“.

Неколку дена откако овој мејл стигнал на адресата на Хилари Клинтон, ЕУ навистина го испратила едниот од тројцата препорачани кандидати – Мирослав Лајчак на состанок со албанските лидери во Тирана за да се обиде да посредува во завршувањето на немирите, пренесува порталот Раша Тудеј.