Учесници од 17 земји на 17. фестивал „Тра-ла-ла“ во Битола

Млади музички таленти од 17 држави  ќе настапат на 17. Интернационален музички фестивал „Тра-ла-ла“ во Битола. Фестивалот го организира Асоцијацијата за уметност „Алексовски” и се одвива во три натпреварувачки дела во Народниот театар и во Центарот за култура во Битола.

Претседателот на меѓународното жири на фестивалот, Санди Вовк од Словенија, денеска на прес-конференција рече дека синоќа, на првата натпреварувачка вечер, настапиле млади изведувачи со песни на мајчин јазик.

– Да се одржи еден фестивал цели 17 години е многу тешко. Затоа сакам да и честитам на Битола и на организаторите на фестивалот што тоа го прават толку долго време и тоа со висок квалитет и со изведувачи од многу земји. Тоа е големо достигнување. Овој фестивал во Битола ја носи музиката од сите страни на светот, а музиката е јазик кој сите го разбираат, рече Вовк.

Раководителот на фестивалот, Тони Алексовски, на прес-конференцијата информираше дека учесниците настапуваат во живо во пет возрасни категории од 7 до 25 години. Истакна дека е импресиониран  од тоа што во сите категории има многу квалитетни пејачи.

Прес Тра-ла-ла

– Секоја година на фестивалот учествуваат солисти од голем број држави во светот презентирајќи ја својата култура, разменувајќи искуства и ширејќи го духот на културната соработка, со што фестивалот прераснува во една од најголемите манифестации од овој тип во Европа. Со заложбите на сите учесници на сцена низ сите овие години покажавме дека фестивалот и со скромна поддршка опстојува цели 17 години. Тоа за нас е голем предизвик, но и задача од која нема да отстапиме, истакна Алексовски, кој е член во жири на десетина фестивали ширум светот и амбасадор на детскиот мир од Светската асоцијација на фестивали и уметности  WAFA.

Покрај учесниците од Македонија, на фестивалот ќе има солисти и делегации од Шведска, Словенија, Србија, Романија, Португалија, Црна Гора, Молдавија, Малта, Литванија, Косово, Израел, Унгарија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Белорусија.

Гала-концертот со победничките композиции, како и со популарни гости и пејачи од македонската естрада и учество на културно-уметнички друштва, ќе се одржи на 13 август од  18 часот во големата сала на Центарот за култура во Битола, кога ќе бидат доделени и наградите на фестивалот.

За време на фестивалските денови предвидено е учесниците од странство да се запознаат со убавините и културата на Македонија, така што ќе бидат организирани посети на Охрид и Свети Наум, Пелистер, античкиот локалитет Хераклеја, НУ Завод, Музеј Битола и други места значајни за македонската култура и историја. Денеска учесниците на фестивалот го посетија храмот „Свети Димитрија” во Битола.

Фестивалот „Тра-ла-ла“ е поддржан од Министерството за култура и Општина Битола.